Фестивал ,,Охридско Лето’’ 12/Јули - 20/Август 2012

Фестивал ,,Охридско Лето’’ 12/Јули - 20/Август 2012

52-рото издание на Фестивалот ,,Охридско Лето’’ го започнуваме со театарскиот ораториум во продукција на НУ„Охридско Лето“и НУ„Народен Театар - Битола“. И во копродукција на  Македонска опера и балет, Театарот Вера Комисаржевска од Санк Петерсбург- Русија и Народниот Театар од Охрид.

Ромео и Јулија е театарски ораториум кој во себе ќе ги обедини музичко-сценските уметности - театар, опера, балет, музика... За таа цел предвидено е во претставата да се вклучат и балетани, оркестар, хор, оперски пеачи и акробати кои ќе бидат во служба на концептот и ќе помогнат во создавањето на оваа волшебна приказна на сцена. Во сценографијата за оваа постановка е замислено да се имплементираат 3Д ефекти кои за прв пат во регионот ќе бидат ставени во служба на театарска претстава така што со специјални видео проектори декорот ќе се трансформира по принципот на 3Д кино технологијата.

Како и во изминатите неколку години (освен јубилејното 50-то издание кое помина во знакот на ретроспективата), концептот на програмата е вклучување на што поголем број нови врвни уметнички имиња кои до сега не настапиле на „Охридско лето“, а кои на светските сцени претставуваат вистинска атракција и за кои секогаш се бара место повеќе во концертните сали. На ова фестивалско издание ќе земат учество бројни странски ансамбли и солисти од врвен калибар кои за прв пат доаѓаат во Македонија. Секако, покрај класичните концерти и рецитали кои се одржуваат во „срцето на фестивалот“ - црквата „Света Софија“ и кои се, практично, носители на музичката програма на „Охридско лето“,ни оваа година нема да изостанат и настаните кои ќе бидат наменети за пошироката публика. Имено, во програмата се вклучени неколку атрактивни концерти, предвидени за просторот на Античкиот театар.

Наше огромно задоволство и на задоволство на ценетата фестивалска публика, ова година ќе имаме можност да уживаме во настапот на уникатниот и незаменлив доминикански пијанист и композитор Мишел Камило, па потоа уште еден настан-концертот на најмладиот победник на престижниот „Премио Паганини“ натпревар во 1998 година, рускиот виртуоз на виолина, Илја Гринголтс, понатака следи концертот големиот и незаменлив виртуоз на виолончело, маестро Енрико Диндо, виолончелист со извонредни квалитети, врвен уметник и изграден музичар, со исклучителен звук кој „тече“ како прекрасен италијански глас.

И на крај само уште едно вокално изненадување со концертот на „Перпетуум Џезиле“, словенската атракција која го освои целиот свет. Откако е формирана групата пред 28 години, полека но сигурно прераснуваат во еден од најпознатите и афирмирани вокални бендови, не само во Словенија, туку и во светот. Нивните дела достигнуваат рекорд на гледаност на ЈуТјуб каналот, преку 20 милиони луѓе ги гледале нивните изведби, што ги прави најгледана акапела група во светот.